Борусија Дортмунд ќе се обиде да го откупи Батшуаи од Челси

Германскиот бундеслигашки гигант Борусија Дортмунд планира на лето да го убеди лондонски Челси да го откупи договорот на белгискиот репрезентативец Мичи Батшуаи, кој зимава дојде на шестмесечен заем како дел од тројна размена на напаѓачи.

Батшуаи заврши на „Сигма Идуна Парк“ откако стана прекуброен во Челси по доаѓањето на Оливие Жиру од Арсенал, а поради ангажманот на Пјер Емерик Обемејанг во редовите на „топчиите“ од Борусија Дортмунд. И откако Белгиецот имаше страшен старт со три гола во два меча во кои Борусија двапати победи, јасно е дека Германците ќе направат сè за да го откупат напаѓачот.

„Ние се обидовме и сега да добиеме опција за да го откупиме договорот на Мичи Батшуаи, но Челси не се согласи. Кога Роман Абрамович ќе рече 'не' – тогаш е – 'не', вели Хасн Јоаким Вацке, првиот човек на Борусија.

Сега на лето Германците повторно ќе преговараат, но Абрамович по добрите настапи ќе има повеќе отворени опции дури и д го продаде во друг клуб и да заработи. Затоа и во Борусија веруваат дека ги чека потешка мисија од таа зимава.

Инаку Белгиецот во Челси дојде во 2016 година од Марсеј за 30 милиони фунти, но на „Стемфорд бриџ“ не се снајде и постојано беше во сенка на Диего Коста, кој се врати во Атлетико Мадрид, како и на Алваро Мората.