Боатенг случајно го откри новиот клуб на Балотели!? (ФОТО)

Тренерот на Ница, Патрик Виеира, кажа дека ситуацијата со напаѓачот Марио Балотели е комплицирана, но дека сигурно нема да остане во екипата.

Балотели летово беше на прагот да потпише за Олимпик Марсеј, меѓутоа трансферот пропадна во последен момент, па мораше да се врати во Ница.

Од тогаш тренира самостојно и не беше во тимот на стартот на француската Лига 1 против Ремс.

„Сакаше да нè напушти и најверојатно така ќе биде. Сакаме играчи кои се верни на екипата. Ситуацијата со Балотели е комплицирана, но Ница ќе се обиде да му помогне“, кажа Виеира.

Сепак, во центар на внимание е една интересна објава на Твитер на играчот на Сасуоло, Кевин Принс Боатенг, кој му го честиташе роденденот на Италијанецот.

„Среќен роденден Супер Марио, секогаш е забавно со тебе. Наскоро ќе играме повторно заедно“, напиша Боатенг на социјалните мрежи.

Инаку, италијанскиот фудбалер има договор со Ница до 2019. година, но не е познато каде ќе игра во наредната сезона, иако постои голема можност тоа да биде и Сасуоло.