Биелса откри зошто Алиоски не беше првотимец на стартот во Чемпионшип

Македонскиот репрезентативен лев бек Езгијан Алиоски во минатата сезона беше еден од „милениците“ на аргентинскиот тренер Марсело Биелса во Лидс и до повредата пред крајот на сезоната на сите мечеви во Чемпионшип беше стартер, но во новата сезона улогата се смени па во воведните две кола е резерва.

Алиоски завчера беше стартер во Карабао-купот против Салфорд, а резерва со Бристол Роберс и Нотингем форест, што многумина ги изненади, сооглед дека Биелса лани не можеше без брзоногиот лев бек во составот. Сега, аргентинскиот „лудак“ ја откри причината за сето тоа со образложение дека го штедел Алиоски

„Мислам дека веројатно ќе го вратам Алиоски во првиот состав. Ми делува дека Бери Даглас полека ја губи брзината на таа позиција (лев бек – н.з.) и Лидс на ниту една позиција не смее да има 'проблем', кога веќе притиска за пласман во Премиерлигата во идната сезона. Алиоски лани играше голема и значајна улога до повредата, па сега неговото враќање треба да биде потстрек за тимот. Но, видете, тој беше повреден и ние сакавме постепено да го вратиме во ритамот и тоа го правевме. Даглас е тука, неговото време не е завршено...“, изјави Биелса.

Алиоски го повреди менискусот пред крајот на Чемпионшип, кога Лид влезе во лоша серија и позицијата за пласман во Премиерлигата ја загуби, а потоа испадна во плејофот од Дерби. Македонскиот репрезентативец потоа се врати на терените во настапите за националниот тим, но не беше на нивото како пред повредата и тоа посебно се виде на мечот со Австрија, кога Македонија беше тотално надиграна. Сега, неговото брзо враќање во првиот тим би било добра вест пред новите предизвици на А-тимот и гостувањата кај Израел и Летонија.