Барселона официјално предложи нов термин за „ел класико“

Шпанскиот шампион Барселона објави денеска преку соопштение кога сака да се игра одложеното „ел класико“ закажано за следниот викенд, поради нестабилната политичка и безбедносна ситуација во Каталонија, која ескалира после затворските казни за политички функционери и активисти за референдумот за независност на покраината пред две години.

Каталонската гордост, која застана во одбрана пред една недела на каталонските политичари и активисти, го предложи терминот 18 декември за одигрување на „ел класико“, па сега се чека реакција од Реал Мадрид. Ла Лига најави дека во понеделник ќе се знае точниот датум и термин кога би се играло најголемото шпанско фудбалско дерби.

„Поради нестабилната ситуација во Каталонија и протестите кои следеа поради апсењето на деветмината политичари, мечот Барселона – Реал Мадрид е одложен, а требаше да се игра на 26 октомври. Желба на клубот беше да се одигра тој меч на 26 октомври, датум и време кои беа од поодамна договорени. Но, после одлуката за одложување поради 'вонредните околности' сега го предложуваме терминот 18 декември“, објави Барселона.

Каталонскиот клуб објави и дека ќе ги врати парите на сите навивачи кои купија влезница за дербито што требаше да се игра за една недела.