„Барселона да е паметна веднаш би го потпишала Серхио Рамос!“

Еден од најлегендарните напаѓачи на Барселона, Самуел Ето, во интервју за шпанскиот весник „АС“ меѓу другото ја начна темата за заминувањето на Серхио Рамос од Реал Мадрид и тоа по речиси две децении минати во овој клуб.

Камерунецот нагласи дека управата на Каталонците би требала да стори сѐ за да проба да го донесе на „Камп Ноу“, што би била огромна морална победа во однос на вечниот ривал.

„Ако би можел, би го донел Рамос во Барселона. Но и ако отиде во ПСЖ ќе бидам среќен и знам дека ќе ни помогне да ја освоиме титулата во ЛШ, што се покажа како многу тешко за нас“, вели Самуел, кој не крие дека е голем фан на „светците“ од Париз.

Ето воедно се надева дека Лионел Меси ќе остане во Барселона.

„Знам дека Меси ја сака Барселона и дека не станува збор за пари. Единственото нешто е проектот, кој мора да биде достоен и знам дека Лапорта работи на тоа. Тој мора да ужива во времето што му преостанува, фудбалот тоа му го должи, не само на Барса. Тој ни даде сè, мора да ужива и да освојува титули. Меси е Бог и кога пред тебе е Бог треба само да му се восхитуваш“, додаде Камерунецот.