Барса за пола час го среди Билбао за да продолжи со спринтот кон титулата (ВИДЕО)

Половина час ѝ требаше на шпанска Барселона за да му даде два гола на Атлетик Билбао (2-0) за да ја запише 23-та победа сезонава во Ла Лига и со тоа да го продолжи спринтот кон новата шампионска круна.

Каталонците до водство дојдоа во осмата минута преку Пако Алкасер, а во 30-та Лионел Меси го дуплираше водството и практично ја обезбеди победата, со која сега Барса има 11 бода повеќе од главниот ривал Атлетико Мадрид на табелата, но мадридските црвено-бели допрва ќе треба да го одиграат својот гостински дуел со Вилјареал, кој е закажан за почеток за 15-на минути.

Ова за Барселона е петта победа во последните шест меча, па каталонската гордост има отворен пат за да освои нова шампионска титула и во преостанатите девет кола потребни им се уште седум победи, ако Атлетико Мадрид сосе попладневниот меч успеат да победат се до крајот на сезоната.