Барса статист во Мадрид - „Кралевите“ одново крунисани! (ВИДЕО)

Немаше ни трошка сомнеж дека Реал Мадрид ќе го освои пехарот во шпанскиот Супер куп, откако во првиот натпревар ја совлада Барселона со 3-1 како гостин. Седум дена подоцна „кралевите“ ја потврдија доминацијата со уште една победа, овој пат со 2-0.

Само девет дена откако славеа во Скопје, фудбалерите на Реал Мадрид кренаа нов пехар и повторно во Супер куп, овој пат на Шпанија. Ја совладаа Барселона со вкупни 5-1, а вечерва на „Сантијаго Бернабеу“ постигнаа два гола, а не примија ниту еден. 

По убедливиот трумф на гости, пред седум дена и онака имаше малку надеж за Каталонците, но дури и оние кои останале оптимисти мораа да наведнат глави по неполни четири минути игра кога Марко Асенсио постигна мајсторски гол од далечина за 1-0.

Барселона имаше, максимум, десетина минути иницијатива по примениот гол, но повторно спласна и влезе во „машината“ на кралскиот клуб, кој и овој пат, како и пред седум дена, делуваше посвежо, повитално и поагилно на теренот, без разлика што играше без Роналдо, Бејл, Иско...

Вториот гол беше продукција на Марсело и на Бензема, вториот како стрелец, на пет минути до крајот на првиот дел, што се покажа доволно за победа. Барселона не само што не направи сериозен обид за гол до крајот, може да биде среќна што остана само со два гола во мрежата.

Ова е десетта титула за Реал во шпанскиот Супер куп, прва впо 2012 година. Зинедин Зидан, пак, првпат го освои овој пехар како тренер, иако му е веќе седми на кормилото на Реал.