Барса му порача на Артур: Ако не тренираш, нема ни плата да добиеш!

Шпанска Барселона и италијански Јувентус веќе направија размена на два фудбалери од средниот ред во која Миралем Пјаниќ дојде во Каталонија, а Артур Мело замина во Торино, но после реализираната трампа – искрсна проблем.

Артур има обврски кон Барселона додека не заврши сезонава, а таа месецов продолжува со настапите во ЛШ, исто како за Пјаниќ во Јувентус. Но, Бразилецот после трнсферот се инаети и не сака да има ништо со Каталонците, па Кике Сетиен практично веќе извесно дека нема да смета на него.

Но, првиот човек на Барселона, Жозеп Марија Бартомеу остро му се закани дека поради тој инает – нема да му дава плата.

„Артур направи трансфер во Јувентус, ама иако сето тоа е реализирано, тој и понатаму има обврски кон Барселона додека заврши сезонава. Проблем е што Артур не сака да доаѓа ниту на тренинзите. А, штом е така, нема да добива ни плата“, рече Бартомеу.

Барселона неделава ќе го одигра реваншот од осминафиналето во ЛШ на свој терен со Наполи (1-1 по првиот меч), а ако победи ќе оди во Лисабон на завршниот фајнлејт-турнир.