Барса ја смени понудата за Гризман: На Атлетико му нуди 60 милиони евра и еден играч

Сè поизвесно е дека француската ѕвезда на Атлетико Мадрид, Ентоан Гризман на крајот на оваа сезона ќе го засили актуелниот лидер во Ла Лига, Барселона, која веќе од подамна притиска за да го купи брзоногиот напаѓач.

Гризман летоска беше на чекор да замине во Манчестер јунајтед, но трансферот пропадна во последен момент и тоа затоа што Французинот реши да остане во Атлетико, затоа што мадриѓаните до јануари имаа забрана за трансфери. За возврат за својата верност кон црвено-белите, Атлетико му ја намали откупната клаузула за двојно – од 200 на 100 милиони евра.

И сега откако Јунајтед го донесе Ромелу Лукаку летоска, а зимава во нападот се засили и со Алексис Санчез, Гризман за Жозе Мурињо не е повеќе интересен, ама затоа Барселона е во преден план да го ангажира. И летоска тивко се најавуваше трансфер над 100 милиони евра за Гризман, особено откако замина Нејмар, но Французинот одби секаква понуда. Затоа на лето, тешко дека ќе може да пропушти шанса да дојде во тимот покрај Меси, Кутињо, Суарез, Иниеста...

Сепак, за такво нешто да се случи, треба Атлетико да се согласи на новата понуда. Медиумите најавуваа чисти 100 милиони з Гризман, ама Каталонците немаат толку пари, откако потрошија речиси 300 милиони евра за Дембеле и Кутињо, па затоа сега нудат 60 милиони евра во кеш и плус еден фудбалер. Атлетико има опција да бира дали е тоа Андре Гомеш или Жерар Делофеу.