Барди: Пласманот на ЕП е најдоброто нешто што можеше да ѝ се случи на Македонија!

Македонскиот репрезентативец Енис Барди веќе четврта година е дел од најсилната лига на светот, шпанската Ла Лига, зад него веќе се клупски рекорди по број на дадени голови и одиграни мечеви како странец во овој клуб, а летово со Македонија ќе дебитира на Евро 2021, откако со младата селекција веќе го почувствува шмекот на континенталниот крем на Евро 2017 во Полска.

Барди е една од најважните алки на македонската селекција, фудбалер околу кого се врти скоро сѐ и во Леванте, кој има извонредна сезона, го победи Реал, Атлетико, на чекор е до пласман е во финалето на Кралскиот куп....

„Многу сум горд што успеавме да се пласираме на Евро 2021. Тоа е најдобрата работа која можеше да ѝ се случи на Македонија во овој тежок период. Горд сум што на цела нација ѝ донесовме неизмерна радост. Го посакувавме тој пласман и го заслуживме, па сега на ЕП сакаме да покажеме дека пласманот не е случаен“, вели Барди во интервју за унгарски „Индекс“.

Македонија ја чека деби во група со Австрија (13 јуни), Украина (17 јуни), двете во Букурешт и Холандија (21 јуни) во Амстердам, а Барди со двојна мотивација ќе го игра, зашто сака пласман во следната фаза.

„Ја видов ждрепката, го видов костурот и прво што ми падна на памет е дека може да дојдеме и во Букурешт. Јас последен пат бев во Унгарија во 2018, кога го посетив Ујпешт и бившите другари и затоа сега ќе играм со двојна мотивација, зашто би било убаво пак да се вратам барем на момент во Унгарија“, додава Барди.

Дојде во Шпанија во летото 2017 година за „смешни“ 1,5 милиони евра од Ујпешт, а многу брзо се покажа дека е еден од најисплатливите трансфери во шпанската Ла Лига. Сега Леванте ни за 20 милиони евра не би го продал, а Барди стана вториот најдобар изведувач на слободни удари во Ла Лига, веднаш зад Лионел Меси, со кој веќе се соочи, како и со Кристијано Роналдо, двете најголеми светски ѕвезди.

„Не очекував дека ќе бидам клучен играч во Леванте, ама се надевав дека можам да станам. И секојпат ми било сон да играм во Ла Лига, а кога ќе добиете таква шанса, не размислувате. Сакав само да покажам дека можам и дека вредам да играм во шпанскиот фудбал. Сега константно напредувам, а Леванте ми го овозможи тоа, станав многу покомплексен и подобар фудбалер и за тоа сум многу благодарен. Кога ќе се соочите со еден Меси, Роналдо..., тоа е нешто неверојатно. До пред неколку години им се воодушевував пред ТВ-екраните, а сега имав шанса да играм против нив. И пред мечевите секогаш во глава ви се врти дека се соочувате со икони на светскиот фудбал, ама кога ќе свирне судијата, сѐ тоа се заборава и размислувате само како да ги победите“, додава Барди.