„Барди нема шанса да си оди од Леванте за помалку од 25 милиони евра“

Откако вчера руски меидуми објавија дека великанот Спартак Москва е сериозно заинтересиран да го ангажира македонскиот репрезентативец Енис Барди од Леванте, па веќе понудиле 13 милиони евра, таков трансфер зимава тешко дека ќе се случи.

Барди пред два месеци потпиша нов договор со Леванте, со кој доби двојно поголема плата, но и двојно поголема откупна клаузула од 50 милиони евра. Сепак, за Барди да си замине во Русија, потребно е Спартак да плати најмалку 25 милиони евра.

Атила Георги, менаџерот на Барди, за руски медиуми објавил дека практично е невозможно Спартак за толку малку пари (13 милиони евра) да го купи Барди.

„Колку што јас знам, Леванте нема намера да го продаде Барди за помалку од 25 милиони евра“, рекол Георги.

Барди во Леванте дојде минатото лето од Ујпешт за 1,5 милиони евра и е еден од најдобрите фудбалери на овој шпански клуб во Ла Лига. Барди блесна и е во фокусот на светската јавност по страшните голови од слободен удар.