Балотели ги разочара навивачите на Ница: На лето се враќа во Серија А! (ВИДЕО)

Тамам кога мислевме дека се врати во живот, по неколкугодишно лутање, Марио Балотели реши да си замине од Ница.

Изгледаше дека е среќен во францускиот клуб и можеби било така, но контроверзниот Италијанец реши да не го продолжи договорот кој му завршува летово. По тој повод објави видео на својот профил на Инстаграм, заблагодарувајќи им се на навивачите.

„Ова беа неверојатни две години, благодарам на сите за тоа. Останаа уште пет натпревари (ова се уште не е збогум)“, напиша Балотели.

По епизодата во Манчестер Сити, тој имаше добра сезона и во Милан, во 2013/14, но потоа замина во Ливерпул и навистина луташе. Во 2015 се врати во Милан како позајмен играч, во обид да ја врати „магијата“, но успеа дури откако замина во Ница.

Таму постигна 16 гола во првата сезона, а во вторава има 14 во Лига 1 и вкупно 21 сметајќи ги и другите натпреварувања. Медиумите пишуваат дека веќе имал понуди од Рома и од Наполи, но засега ништо од тоа не е официјално.