Баерн Минхен го продава херојот од последната европска титула!

Германскиот великан Баерн Минхен ќе го продаде францускиот репрезентативец Кингсли Коман, херојот на Баварците од последната европска титула освоена во август лани, зашто офанзивниот фудбалер одбива да го продолжи договорот.

Поучени од ситуацијата со Давид Алаба, австрискиот репрезентативец кој одбиваше да ја продолжи соработката, ама Баерн се инаетеше и до последен ден го задржа во своите редови пред тој да се пресели во Реал Мадрид, сега со Коман немаат намера да ја повторат истата грешка и бесплатно да го загубат овој фудбалер.

Баерн се обидел Коман да го направи наплатен во своите редови, но Французинот побарал повеќе пари, дури 16 милиони евра годишно, по што германскиот великан се повлекол од преговорите и сега ќе го стави на трансфер-листа. Коман има договор до 2023 година, па Баерн веќе зимава за добра понуда ќе се обиде да го продаде, а најдоцна на лето, на една година пред истек на договорот, со цел да се избори за добра отштета.

Коман има 42 гола и 50 асистенции во 2017 настапи, а дојде од Јувентус за 21 милион евра пред четири години и моментно вредноста му се проценува на 55 милиони евра.

Тој го даде голот за европска титула во Лисабон во август лани против ПСЖ во финалето во Лигата на шампионите, а се најавува дека негова следна дестинација најверојатно ќе биде англиската Премиерлига.