Бабунски: Не престанав да верувам во себе, знаев дека со трпение сѐ ќе си дојде на место!

Давид Бабунски беше капитен и лидер на „златната младинска генерација“ од Еуро 2017, продукт на славната „Ла Масија“, школа на Барселона, извонреден талент, кој после заминувањето од Каталонија доживеа вртоглав пад во кариерата, прво во Ц. Звезда, па во Јапонија и сега во Дебрецен почна да се враќа во препознатливата форма што значеше и негово враќање во националниот тим.

Бабунски за мартовските мундиналски баражи првпат доби повик од Благоја Милевски и тоа после седум години откако како тинејџер веќе имаше настапи за А-селекцијата, уште пред да се изгради младинската генерација која прва го скрши мразот. Давид и за овие јунски мечеви е на списокот, заедно со неговиот брат Доријан, кој зимоска му се придружи во Унгарија.

„Тешко е кога не играш, но тоа не ме скрши, туку само ми ја зголеми мотивацијата. Знаев дека во фудбалот многу фактори влијаат, на некои не може да влијаете како играч и тоа вообичаено се работи кои немаат врска со квалитетот, посветеноста, можеби понекогаш се нефер, но мора да се соочите со нив. Впрочем таква е нашата професија. А, на мене беше со мојот однос, мојот карактер, менталитетот, желбата да напредувам да се изборам и така реагирав. Знаев дека ако сум стрплив и ако продолжам напорно да работам, моето време ќе дојде кога тогаш. Останав позитивен, учев од сѐ и се фокусирав само да напредувам во играта. Никогаш не престанав да верувам во себе, знаев дека кога ќе добијам шанса ќе треба да ја искористам“, вели Бабунски.

Во последниов период е стандарден првотимец, тоа му го овозможи и враќањето во националниот тим, а клучен за сѐ беше тренерот Јоан Карилјо, кој му даде и нова функција како дефанзивен фудбалер за врска.

„Тоа доаѓање на Јоан беше клучно за мене, успеа да ги препознае моите квалитети, виде каква вредност можам јас да дадам на тимот и ме наградуваше со сѐ повеќе и повеќе минути. Иако јас сум офанзивен фудбалер за врска и секогаш сум играл на таа позиција во кариерата, јас навистина уживам и како дефанзивен фудбалер за врска. Не е лесна задача да градите акција за напад од позади, да го зболемите поседот на топка, да диктирате темпо на мечот, да одиграте вертикални додавања кои ќе го скршат противникот, а да бидете истовремено и агресивен и тактички дисциплиниран во дефанзивните задачи. Ама, тренерот сметаше дека тука сум најпотребен и јас сум среќен што имам такви задачи. Играм на позиција која носи неверојатна одговорност и јас ја прифатив и со задоволство и со страв, но ми помогна многу да напредувам и да станам уште поискусен“, додава бабунски.