Австриски великан оди во трета лига – не доби лиценца да биде дел од елитата!

Еден од најтрофејните австриски клубови, великанот Австрија Виена е пред тотална пропаст и административно испаѓање во Третата лига, зашто поради големи финансиски проблеми не доби лиценца за настап во елитното натпреварување.

Овој австриски гигант кој 24 пати беше првак на својата земја, а 27 пати го има освоено Купот се наоѓа веќе подолго време во незавидна положба, а актуелната пандемија со коронавирус уште повеќе ги дотепа на финансиски план, па сега сенатот на Бундеслигата и комисијата за лиценцирање не им издале дозвола за настап.

Австрија Виена со ова е на чекор до испаѓање во третата лига, но само ако жалбената постапка успее да им помине за да го задржат статусот на елитен клуб. Ако не успеат, а многу тешко е такво нешто во ваква ситуација, клубот ќе се соочи со вистинска пропаст.

„Без оглед на пандемијата, најважно е дека постапката за лиценцирање се одвива во дух на безбедност на натпреварувањето. Во моментов сме пред предизвик дека немаме 28 професионални лиценцирани клубови, а тие што не добија лиценца имаат можност на повисока инстанца да поднесат документи за првичната одлука да се промени“, вели Кристијан Ебенбауер, првиот човек на австриската Бундеслига.

Сега целиот процес оди кај постојаниот неутрален арбитражен суд, кој треба да донесе конечна одлука после жалбата, а ова тело го заменува граѓанскиот суд и не е дел од Бундеслигата. Бидејќи Првата и Втората Бундеслига се професионални натпреварувања, недобивањето на лиценца за Австрија Виена ќе значи дека ќе мора да игра во Виенскиот округ, односно третата лига на оваа земја.

Австрија Виена е одбиена за лиценца само поради финансиски проблеми, додека два ддруги клубови како Австрија Лустенау и ФАЦ Виена поради инфраструктурни и финансиски проблеми.