Аталанта ја запре серијата од осум победи по ред на шампионот Интер (ВИДЕО)

Интер немаше сила за деветта победа по ред во италијанската Серија А, откако на гостувањето кај Аталанта освои само бод (0-0) во 21. коло од шампионатот.

Првата голема шанса на натпреварот ја имаше Един Џеко во 16. минута, но испрати непрецизен удар кој заврши покрај голот на Аталанта. До крајот на полувремето „нераѕурите“ имаа уште една добра шанса преку Алексис Санчез, но неговиот обид беше запрен од голманот Хуан Мусо.

Џеко повторно имаше сериозна шанса за гол во вториот дел, но неговиот шут заврши покрај десната статива на Мусо, по што Луис Муриел се закани на спротивната страна, но Самир Хандановиќ одлично ја одбрани својата мрежа.

Марио Пашалиќ во 87. минута се најде во одлична ситуација пред голот на Интер, но Хандановиќ со нова одбрана им обезбеди бод на „нераѕурите“.

Интер останува лидер на табелата со 50 бодови, односно два повеќе од Милан. Трет на табелата е Наполи со 43, па следи Аталанта со 42 и Јувентус со 41.