АС открива: Пет причини поради кои Модриќ останува во Реал!

Лука Модриќ уште нема ставено потпис на нов договор со Реал Мадрид, меѓутоа шпанските медиуми таа работа ја третираат како завршена, со оглед дека Хрватот веќе се врати на тренинзи, а ја „омекнале“ работата и со Флорентино Перез.

Ја пропуштил понудата од Интер поради пет клучни работи, известува „АС“. Се разбира, еден од факторите се парите, но не треба да се занемарува и улогата на Модриќ во тимот на „кралевите“.

Побогат договор – Ако преминеше во Интер, Модриќ ќе заработуваше, најмалку, 10 милиони евра по сезона. Тоа е два милиона евра повеќе од платата која ја имаше во Реал, па „кралевите“ брзо и ефективно реагираа. Му понудиле договор со плата од 11 милиони евра годишно, колку што зема и Герет Бејл.

Освојување трофеи – Доволно е само да се споредат резултатите на Реал и на Интер, за да се заклучи дека, ако сака да жнее трофеи, Модриќ треба да го одбере шпанскиот тим. Тој освои три од последните четири пехари во Лигата на шампионите, а Интер последната и единствена во поново време ја имаше во 2010 година.

Семејството – Ова е уште една сериозна причина Модриќ да остане во Мадрид. Со своето семејство веќе шест години живеат во Мадрид, па сите се навикнале на животот и на традицијата на шпанската престолнина. Преселбата во Милано ќе требаше да значи многу промени, прекинување животни рутини и затоа и овој фактор влијаел во корист на Реал.

Хулен Лопетеги – Доаѓањето на Хулен Лопетеги на местото на Зинедин Зидан на клупата на Реал значи дека клубот, помалку или повеќе, ќе продолжи да негува сличен стил на игра. Лука Модриќ во таква ситуација ќе биде многу важна алка, столб во плановите на Лопетеги.

Важна улога во тимот – Откако Роналдо си замина во Јувентус, празно е лидерското место во Реал, а Лука Модриќ е прв кандидат за да ја понесе екипата на грб. Хрватот ќе биде веќе седма сезона во Мадрид, па неговиот глас веќе се слуша и значи нешто.