Арсенал веќе има прв „пик“ за наследник на Арсен Венгер

Арсенал се подготвува да влезе во нова ера без Арсен Венгер. По соопштувањето на веста дека Французинот нема да продолжи во клубот по завршувањето на сезоната, сега се поставува прашањето, кој ќе го наследи на клупата?

Во текот на денот се појавија голем број на шпекулации, а се споменуваа имињата на Карло Анчелоти, Масимилијано Алегри, Леонардо Жардим и многу други, но се чини дека еден кандидат е најблиску да биде нов менаџер на „топчиите“.

Се работи за Луис Енрике, поранешниот тренер на Барселона и Рома. Шпанецот е во најтесниот круг на кандидати, бидејќи е одличен пријател со новиот спортски директор на клубот, Раул Санлеи.

„Енрике смета на подршка од некои високи функционери во клубот и има одлична соработка со Санлеи, новиот директор во Арсенал. Тоа сигурно би му помогнало многу во преговорите и во неговата адаптација во Арсенал. Сепак, проблем за негово назначување би можела да претставува високата плата која ја бара“, пишува Ед Малион, новинар во „Индепендент“, според кого веќе се направени и првите контакти.

 Енрике и Санлеи имаа одлична соработка во Барселона, па се очекува овој тандем да го предводи Арсенал во пост-венгеровата ера.