Англиски медиум верува во Алиоски: И во Лугано имаше долг пост, па потоа – експлодира!

Македонскиот репрезентативец Езџјан Алиоски во англиски Лидс веќе десет меча е без конкретен учинок, па после секој меч навивачите на овој клуб во Чемпионшип, кои од поодамна му се намерачиле, не престануваат да го критикуват за неговите игри.

Алиоски од крајот на ноември, кога ја доби и наградата за најкорисен фудбалер за тој месец, нема конкретен учинок. Тој е стартер, но Лидс влезе во серија на порази, поради која менаџерот Томас Кристијанесен, кој го донесе во Лидс доби отказ, а серијата на лоши резултати никако да престане.

Но, ако навивачите посебно го имаат на пик, а Алиоски не остави кој знае каков впечаток и на дебито на новиот кормилар Пол Хикингботом, одредени медиуми посочуваат дека напролет треба да се очекува – експлозија од македонскиот репрезентативец.

„Лидс загуби од Шефилс со 1-2, а Алиоски повторно не импресионираше, веројатно ризикувајќи да го загуби стартното место кај Хикингботом, но 25-годишниот фудбалер во секој момент може да блесне, како што тоа се случи минатата сезона. Алиоски го заслужи трансферот вреден 3,2 милиони фунти поради 16-те гола за 34 меча за Лугано, а интересно имаше сличен ваков пост во таа сезона. Алиоски моментно е десет меча без гол за Лидс, а исто и за Лугано немаше дадено гол од 30 ноември до 6 март, вклучувајќи ја и зимската пауза, серија која траеше седум меча. Но, Алиоски ја врати формата и даде седум гола во последните два месеци. На Лидс му се потребни неговите голови, а ова покажува дека тој е способен да ја сврти формата во своја корист“, пишува еден англиски медиум.