Англија најде решение како на великаните да им забрани засекогаш да помислат на Суперлига!

Откако се случи хаосот со Суперлигата, по кој цела Британија се крена на нозе откако шесте најбогати премиерлигаши се одметнаа, па после 48 часа се пишманија и извинуваа, Англија најде решение како да спречи секаков иден обид најголемите клубови да се најдат во нова авантура наречена „друштво на богаташите“.

Тоа што премиерот Борис Џонсон најави закон со кој ќе ја спречи Суперлигата, сега најверојатно такво нешто и ќе се вметне во правилата, најавува угледниот „Тајмс“, па со само еден член ќе се забрани засекогаш некој од англиските клубови воопшто да помисли на некаква си Суперлига.

Според тоа што угледниот весник го објави, во правилникот ќе биде вметнато дека ниту еден клуб не може да влезе во било какво друго натпреварување без притоа да добие одобрение од Премиерлигата и од англиската Фудбалска асоцијација (ФА), па ако некој се реши на таков потег, казната ќе биде безмилосна – исклучување од сите натпреварувања на Островот. Од Премиерлигата, Лига-купот, ФА-Купот до Комјунити Шилд.

„Со ваквото правило ќе се убие секоја идна опасност дека некој од гигантите би можел да се најде во некаква Суперлига, после случувањата кои ги видовме изминативе денови“, објавува „Тајмс“.

Ливерпул, Манчестер јунајтед, Челси, Арсенал, Манчестер сити и Тотнем, беа шесте клубови меѓу 12-те одметници кои во саботата вечерта објавија дека формираат Суперлига, а после 48 часа, прво Сити се повлече, а потоа сите англиски клубови го следеа нивниот пример, после бурните протести од навивачите, преку легендите, лигата, клубовите...