Алиоски вечерва против Челси: Нѐ чека голем клуб со големи играчи, ама – не им се плашиме!

Македонскиот репрезентативец Езџјан Алиоски, членот на англиски Лидс вечерва го чека пресметка со лондонски Челси во англиската Премиерлига, па левиот бек кој е во фокусот во изминатиов период најави дека не се плаши ни тој, ниту соиграчите од противникот кој е преполн со фантастични фудбалери.

Алиоски е во фокусот во Англија прво после пласманот со Македонија на ЕП, па за изнудениот црвен картон во дербито со Арсенал, а во изминативе денови и околу продолжувањето на договорот со Лидс, кој му истекува на лето. Македонскиот репрезентативец веќе подолго време е стандарден првотимец, добива големи пофалби од тренерот Марсело Биелса и од навивачите, па сега го чека нов сериозен испит.

„Челси е голем клуб, со големи играчи, ама – не им се плашиме. Ги гледавме во ЛШ, клуб е кој ја освојувал Премиерлигата и за нас е прекрасно што сме дел од Премиер и што имаме шанса да играме со сите овие големи клубови, за да видиме до каде сме.

Мислам дека ние веќе покажавме и со Ливерпул, и со Манчестер сити, и со Арсенал, и со Евертон дека можеме да играме и да парираме, дека имаме квалитет. Но, ние сме екипа која игра тимски. Челси е тим кој има страшен индивидуален квалитет, ама ние сме тим кој има самодоверба, кој си помага еден на друг. Затоа може да одиме секаде, да изненадиме, зашто не се плашиме од никого и можеме да освоиме бодови“, вели Алиоски.