Алиоски твитна по поразот од ВБА, навивачите на Лидс едвај дочекаа му се нафрлат (ФОТО)

Македонскиот репрезентативец Езгјан Алиоски одамна е „прв пик“ на навивачите на Лидс кога не му оди на тимот и главен виновник во тимот, дури и кога има победи, а ептен повеќе кога ќе загубат. Лидс викендов доби лекција од Вест Бромвич Албион со 4-1, но Алиоски на „Твитер“ им се заблагодари на навивачите за константната поддршка.

Алиоски е стандарден првотимец кај Марсело Биелса, одлично ја почна сезоната во Чемпионшип со голови и асистенции, во во последно време е (пре)тивок, а за навивачите секојпат најслаба алка во тимот.

„Тоа не беше резултат по кој дојдовме, но продолжуваме да работиме и се обидуваме да стигнеме на правиот пат. Заедно. Благодарност до сите кои патуваа за да не поддржат“, напиша Алиоски.

И веднаш потоа следуваа коментари, најчесто со одговор – дека е најслаб и дека не треба да биде првотимец.

„Ти треба да се подобриш најмногу Езгјан, најголемата вистина е што најголемиот дел од нас не знаат зашто сè уште стартуваш на мечевите“, му пишал Хари.

„Ти треба да напредуваш Езгјан“, додал Мич

„Сè уште чекаме да го видиме најдоброто од тебе. Почни веќе да ги покажуваш своите квалитети“, потенцира Мичел Емерсон.

Алиоски сега го очекува предизвик со македонската репрезентација, но поради суспензијата за жолти картони нема да игра в петок против Лихтенштајн во Вадуц (20.45 часот), а се очекува да биде првотимец кај селекторот Игор Ангеловски идниот понеделник во дуелот со Гибралтар во последниот меч од групата Д во Лигата на нации.