Алиоски од лето во турски Галатасарај?

Турскиот гигант Галатасарај сака да го земе македонскиот лев бек Езџјан Алиоски како засилување за следната сезона, од јуни, што би било многу лесно изводливо ако Лидс во следниот период не му го продолжи договорот на македонскиот репрезентативец.

Алиоски од 2017 година е дел од Лидс и летово му истекува договорот со англискиот клуб, со кој годинава игра во Премиерлигата, а иако веќе два месеци се најавуваше продолжување на соработката, од такво нешто засега нема ништо ново, па Галатасарај сака да го искористи тој момент.

Турски медиуми дури најавуваат дека истанбулскиот гигант и поранешен освојувач на Купот на УЕФА веќе постигнал договор со Алиоски за да дојде летоска во Турција, наводно откако не договорил нова соработка со Лидс, за што нема потврда од англискиот клуб, ниту од медиумите на Островот.

Македонскиот лев бек има 150 настапи за Лидс во четири сезони, три во Чемпионшип и една во Премиерлигата, а пред да замине на Островот, играше за Лугано и Шафхаусен во Швајцарија. Тој е стандарден првотимец во македонската репрезентација која летово треба да дебитира на Европските првенства.