Алиоски нема да игра против Манчестер јунајтед во предсезонскиот меч

Македонскиот репрезентативец во Лидс, Егзијан Алиоски најверојатно нема да ја има можноста да се соочи со најтрофејниот англиски клуб Манчестер јунајтед во Австралија во предсезоната, зашто тренерот Марсело Биелса планира да ги остави најголемите ѕвезди на Островото, најавија англиски медиуми.

Биелса донел одлука во Австралија да не ги носи новите засилувања, како и фудбалерите кои имаа подолго фудбалско лето поради настапите за своите репрезентации, зашто не се согласува со идејата да се оди во овој период на далечен пат во Австралија за два меча. Биелса дури сакал и да се откаже турнејата, но бил разубеден од раководството дека тоа е потег од маркетиншки план и дека не може да не се оди таму.

Како што објавија англиски медиуми, Алиоски, Матеуш Клих, Шакелтон нема да патуваат со тимот, како и новите засилувања како Хелдер Коста, Бен Вајт, Џек Кларк и Лијам Мекарон. Биелса сметал дека ова патување ќе има негативен ефект на тимот, зашто многу брзо на почетокот на август стартува новата сезона во Чемпионшип.

Сега поради одлуката да се патува, тој решил под посебна програма најголемиот дел од фудбалерите да тренираат и да не ги мачи со долги патувања и непотребни мечеви. Во Австралија треба да играат со „црвените ѓаволи“, а на 4 август им е закажан првиот меч со Бристол сити на гости.