Алиоски: Биелса ме направи подобар фудбалер во секој сегмент!

Македонскиот репрезентативец Езгјан Алиоски призна дека под палката на „лудакот“ Марсело Биелса, актуелниот негов шеф во англиски Лидс напредувал во изминатите седум месеци како никогаш досега во кариерата и дека сега е многу покомплетен и подобар фудбалер на секое поле.

Алиоски е незаменлива алка кај Биелса и практично сезонава не пропушти ниту еден меч и постојано е стартер во тимот. Почна како лево крило, а сега во последниве месец дена игра и како лев бек, а на последниот меч запиша и две асистенции, пополнувајќи го местото по повредата на Бери Даглас.

„Јас сакам да играм во нападот како лево крило, ама кај Биелса играњето лев бек, всушност не сте лев бек. Кај него лев бек е и бек и крило. И во репрезентацијата на Македонија играм така. Кога имате тројца стопери, може многу често да сте напред, а јас тоа го користам. Со Биелса, јас сакам и да играм одбрана и да играм напад. И тоа ми е лесно, зашто имаме голем посед на топката на секој меч. Кај Биелса нема разлика дали играте лев бек или лево крило, зашто кога имате топка во нозе може да останете напред“, вели Алиоски.

Македонскиот репрезентативец со Лидс сега се на вистинскиот пат по 15 години пауза да се вратат во елитната Премиерлига, а досега со 27 меча во Чемпионшип е еден од ретките кој ужива најголема доверба кај аргентинскиот стратег, кој од доаѓањето им наметна таков жесток ритам, што никој досега го немал почувствувано на подготовките.

„Марсело е менаџер кој е големо фудбалско име. И никогаш не ви дава да размислувате дека ако сте први на табелата тоа е доволно. Од него може да научите многу и мислам дека лично за мене, со него направив многу големи чекори напред, пред се тактички, па психички... Тој комплетно ме промени како фудбалер. Многу е убаво кога имате таков човек, бидејќи во идинина уште повеќе ќе ни помогне. Со сета работа, мислам дека на крај ќе имаме успех и тоа го заслужуваме, а и самиот Биелса тоа го заслужува за својата посветеност. Не е лесно тоа што го прави за нас“, додава Алиоски.

Му упати лична благодарност за довербата и фактот што досега ги одигра сите мечеви во Чемпионшип.

„Јас сум стартер на секој меч и морам да му се заблагодарам за тоа. Јас направив многу чекори напред и чувствувам дека верува во мене. Едноставно уживам. Добро е за еден фудбалер кога има вакво нешто. Никогаш со сигурност не може да знаете дека ќе бидете стартер, но јас секогаш се трудам да го дадам најдоброто, да работам најдобро што можам пред него. Тоа што Марсело верува во мене, ми ја олеснува задачата кога ќе излезам на теренот“, додава Алиоски.