Ако се врати Мурињо во Реал Мадрид, ќе се офајди и – Манчестер јунајтед!

Најконтроверзниот светски тренер Жозе Мурињо во моментов е без работа откако пред еден месец доби отказ од англискиот великан Манчестер јунајтед, кој сега по неговата смена игра како препороден, додека Португалецот се поврзува со враќање во најтрофејниот клуб Реал Мадрид.

Мурињо пред неколку дена ги доби своите 15 милиони евра како отштета што „црвените ѓаволи“ предвреме му го раскинале договорот, кој беше со важност до јуни 2020 година. Мурињо не успеа во својата намера да го врати Јунајтед на старите патеки, освои само три трофеи во две ипол годишниот мандат на „Олд Трафорд“ и на крај доби клоца откако сезонава тргна очајно, почна со сите да влегува во конфликт и пречесто да бара алибија.

Сега е во потрага по нов ангажман, а нема ништо против да се врати на „Сантјаго Бернабеу“. Се погласно се најавува таа опција, особено што и на „кралевите“ не им цветаат рози сезоната и премногу бламажи доживеаа по заминувањето на Зинедин Зидан летоска. Сега, англиските медиуми посочуваат дека и Манчестер јунајтед трие раце ако Мурињо потпише со Реал Мадрид.

И за такво нешто наводно „црвените ѓаволи“ имале 11 милиони причини да се радуваат. Имено, ако Мурињо потпише договор во текот на сезонава со Реал Мадрид, „кралевите“ ќе треба да исплатат еден вид компензација од 11 милиони евра.