Абрамович ќе остане без Челси, В. Британија ќе му го конфискува клубот?!

Рускиот милијардер Роман Абрамович може да остане без своето милениче, лондонскиот гигант Челси, затоа што овој премиерлигашки клуб може да му биде конфискуван, објави угледниот весник „Тајмс“.

„Шпионската афера“ и труењето на двоен агент од Русија, кој соработувал и со МИ5 предизвика бура во политичките односи помеѓу Велика Британија и Русија, а зад Британците застанаа сите сојузници предводени од САД. Поранешниот руски шпион Сергеј Скипала бил отруен со нервен гас и сето ова сега ги доведе односите до крајно заладување.

Аферата веќе го наметна прашањето во Велика Британија, дали англиската репрезентација треба да игра на претстојниот Мундијал во Русија. А владејачката гарнитура на премиерката Тереза Меј веќе најавува можност за бојкот на најголемиот фудбалски фестивал. Дали репрезентацијата ќе игра, веројатно допрва ќе се вага, но јасно е дека членови на кралското семејство, министри, високи функционери нема да одат во Русија.

И во целиот скандал Англија веќе подготвува закон за да се овозможи конфскување на имот на сите руски државјани кои се вмешани во корупција, чиј нелегално стекнати пари ги инвестирале на западот од Европа.

Абрамович е прва најголема фигура, кој уште пред деценија ипол се појави на фудбалската карта како прв олигарх што инвестира во фудбалот. Го купи Челси и експресно го направи првак, а во 2012 година стигна и до европската круна. Абрамович беше првиот што го најави фудбалскиот бум кој сега се случува во фудбалот со инвестирањето од целиот свет – Кинези, Индонезијци, Индијци влегуваат во фудбалскиот бизнис.

Тоа што е сигурно, Абрамович ќе биде под лупа во Велика Британија, па ако најдат и најмал доказ дека рускиот милијардер „испрал“ пари, по донесувањето на законот, ќе му биде конфискуван целиот имот на Островот, сосе Челси. Абрамович постојано е на тапет на медиумите, кои се сомневаат одамна во негови нелегални активности, но засега нема доказ дека Русинот работел незаконски. Инаку Абрамович откако е дојден во Лондон нема дадено ниту едно интервју за некој медиум во Англија.

„Јас секако дека следам што се случува, а сето ова е сериозен проблем кој многу брзо се развива. Но, јас имам работа да се подготвувам за Мундијалот и да ја подготвам екипата за Русија. Јас колку што знам се подготвуваме за учество на најголемото натпреварување. Ние не се сомневаме дека на Мундијалот ни е местото кое го заслужувамо. Но, треба да сме загрижени за безбедноста на екипата и на навивачите во Русија. За тоа треба да се размислува, но тоа не е моја работа“, рекол селекторот на „Гордиот Албион“, Герет Саутгејт.

Англиските медиуми веќе почнаа кампања да ги убедат навивачите дека не треба да патуваат во Русија, затоа што таму ги очекува пекол, поучени од страшните сцени пред две години во Марсеј, кога руските хулигани ги тепаа Англичаните и на улиците, но и на трибините.

Во ваквата затегната политичка ситуација, можно е протерување на дипломатите на двете земји, но ако ситуецијата продолжи на ова ниво, нема да биде изненадување ако се преземаат уште порадикални мерки, па Абрамович да остане без својот Челси.