А Барселона можеше да го има Асенсио за само два милиони евра...

Судејќи според шпанскиот Суперкуп, тешко дека ќе може некој да му парира на Реал Мадрид и во оваа сезона, а главна ѕвезда по двата натпревари со Барселона стана талентираниот Марко Асенсио.

Во 89-та минута од првата средба ја заби топката во горниот лев агол од голот на Тер Штеген, а на реваншот во Мадрид постигна уште еден, поубав гол од оној првиот и со тоа практично ѝ ја запечати судбината на Барселона.

Интересно, Асенсио многу лесно можеше да постигнува голови за противничкиот тим, меѓутоа скржавоста на управата на Барселона спречи негов трансфер во Каталонија.

Имено, со само девет години, Асенсио веќе го привлече вниманието кај фудбалскиот агент Хорацио Гагиоли, човекот кој е одговорен околу посредувањето на комплицираниот ангажман на Лионел Меси од Аргентина во Барселона.

Со оглед на брзиот развој во младинската школа на Мајорка, тоа не можеше да помине незабележано во шпанските фудбалски кругови. На почетокот од сезоната 2014/15 заработуваше скромни 1.000 евра, барем за фудбалер од ваков калибар, но неговата судбина драстично се смени токму во таа зима.

Барселона одлучи да го донесе во своите редови и за него ѝ понуди 2,5 милиони евра на Мајорка, но спротивната страна инсистираше на 4,5 милиони. Сепак, дополнителни два милиона им се видоа како премногу на челниците на Барселона и се откажаа до талентираниот фудбалер.

Според исказите на Асенсио во еден документарен филм, за неговиот трансфер во Реал Мадрид директно посредувал Рафаел Надал, големиот мадридиста, кој исто така е роден во Мајорка. Кралевите воопшто не се двоумеа и за 3,9 милиони евра плус бонуси ја убедија Мајорка да ја прифати понудата. 

„Понудата на Реал за Асенсио беше 20 пати подобра од онаа Барселона од секој гледан аспект, како од фудбалски така и од финансиски“, изјави потоа Гагиоли.

Ова е една од најголемите грешки на Барселона во последните неколку години, со оглед на тоа дека за пишманење од два милиони евра загубија еден ваков фудбалски бисер кој допрва ќе сјае...