Безрбетници од ФФМ, а да се самоукинете сите топтан?!

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) преку својата натпреварувачка комисија го одбра најглупавото решение за завршување на прекинатата сезона поради епидемијата од коронавирус и денеска соопшти дека рестартот на Првата лига ќе се случи на 14 или 21 јуни (се чека „зелено светло“ од координативниот кризен штаб). Оваа одлука, која после четири дена од состанокот со прволигашите ја донесе Куќата на фудбалот, е само последна потврда за неспособноста на ова раководство за организација на фудбалот.

НИКОЛА БОГОЈЕВСКИ

Откако избувна кризата и од 11 март кога се одигра последното коло, а потоа се прекина фудбалот, ФФМ следниве два ипол месеци буквално ги преспа, па дури пред една седмица им текна дека треба да подготват протокол, за да бараат дозвола од лекарските експерти со што смислено практично го одолговлекуваа целиот процес, иако со побрза реакција можеа слободно да дојдат до датум со кој сезоната комплетно ќе се доигра.

Но, настрана од глупавиот предлог кој го донесоа, да има лига во која нема да биде испаѓање, ФФМ својата неспособност и незнаење ја покажаа комплетно на дело, зашто целата одговорност за фудбалот во оваа криза само им ја префрлија на клубовите и играчите. Од рестартот на сезоната, па во иднина, за секое случување на фудбалски план, сите ќе бидат одговорни, ама ФФМ – никако!

Куќата на фудбалот објави дека кај мнозинството клубови преовладало сценариото за да се доигра сезоната без испаѓање. Кои се тие клубови што прифатиле не ги објавуваат, а јавно се противат два (Силекс и Македонија ЃП). Но, ако се погледне секој клупски интерес посебно, тешко дека има клуб кој би одбил ситуација во која е сигурен за опстанок, а поради (не)квалитетот и изедначеноста, дури добива шанса за да се избори за Европа. Затоа и ФФМ смисли три сценарија, зашто во нормална земја, според епидемиолошката слика и условите, опциите се едноставни – или ќе се доигра со сите нишани или нема да се игра. Сè друго е само алиби, политичко-бизнис интереси во кои, ако после докомплетирање на сезоната, на некој нешто не му чини, адутот е во раката кај Сејдини и компанија – Вие тоа гласавте, ние ви го прифативме!

ФФМ донесе протокол по кој треба да се одработи подготвителниот период (20 дена) и мечевите со цел намалување на ризикот за зараза, па во мерките предвидено е сите фудбалери да си потпишат изјава за одговорност (!?). Каква е таа изјава за одговорност детално не е посочено, ама може лесно да се претпостави, дека секој фудбалер ќе биде обврзан да потпише дека игра фудбал на свој ризик. Слично на изјава за прифаќање на ризик ако скокате банџи или со падобран. ФФМ на ваков начин само ќе си се заштити дека не е одговорна, ако некој фудбалер се зарази.

Па уште на ова, клубовите ќе треба да обезбедат дополнително осигурување за фудбалерите од осигурителни компании, што значи во ек на криза, клубовите финансиски ќе бидат оптоварени за да издвојат пари и за такво осигурување, за кое исто така нема детално објаснување – од што ќе се одигура фудбалерот? Од Ковид-19 прашање е дали може човек да се осигура, зашто е нов вирус, за кој ама баш никој, а ни самите осигурителни компании не би прифатиле ризик за да дадат осигурување, а потоа и да исплаќаат пари при евентуална зараза која лесно може да се закачи.

За жал, ниту за тестирањата на фудбалерите ФФМ сама не се понуди. Други и таа работа им ја завршуваат, па така Центарот за јавно здравје најави дека ќе даде 400 тестови, а Синдикатот на фудбалери уште пред три недели им се понуди на клубовите за бесплатно да се тестираат сите играчи и вработени на трошок на синдикатот. Нормална федерација немаше да дозволи некој друг да ја преземе таа обврска, туку самата ќе се потрудеше да направи и скрининг, а и тестирања, ако треба и неколкупати и сето тоа да го плати од преполната каса, за да се осигура дека фудбалот е чист, а со одговорен пристап на учесниците, без проблеми да се заврши сезоната. Ама, очигледно во ФФМ и од тоа бегаат

И за крај, неспособноста на ФФМ е јасна и кога треба да се брцне во џебот. Во ек на кризата, одговорноста за фудбалската индустрија ја префрлија на државата. Таа да даде барем минимална плата за клубовите да (пре)живеат во овие месеци. Од „солидарен фонд“ на организација со милионски буџет, нема никаква помош. Освен некаков „солидарен фонд“, кој всушност се пари од УЕФА само наменети за клубовите за нивен развој на младинскиот сектор. И додека клубовите допрва глава ќе ги боли, како ќе ја врзат продолжената сезона, како ќе тргнат и со каков фонд во новата, особено кога се најавува период на рецесија во економијата, ФФМ мудро си молчи и си свирка, за нив нема зима, бидејќи си имаат пари за богати паушали и привилегии и за огромната плата на претседателот. Одговорноста за развој или во случајов спас на фудбалот нема да имаат. И за мал крах, алибито ќе биде подготвено – државата треба(ше) да помогне!

И кога ќе се собере сè, останува само едно единствено прашање – зошто воопшто постои ФФМ? Ако одговорноста за фудбал во корона ера е префрлена на клубовите и фудбалерите, ако економскиот дел е одговорност на државата, што ќе ни е федерација во која „тече мед и млеко“ за клатење врата и „сеење магла“?

А, да се самоукинете сите топтан, може?