Најтрофејниот македонски клуб Вардар ја запиша и третата прволигашка победа во низа со убедливиот триумф со 3-0 против Струга Трим Љум, а Макеоднија ЃП и Шкупи исто така го искористија домашниот терен за победи во оваа петта рунда во Првата лига, во која денеска триумфираше за првпат и актуелниот првак Шкендија.

Бразилскиот лев бек Жуниор попладнево блесна за Вардарци и за осум минути двапати ја погоди мрежата на Струга Трим Љум, за најтрофејниот клуб да ги обезбеди трите бода, кои Филип Најдовски со гол во завршницата само ги потврди во победата со 3-0 и петти меч во низа на црвено-црните, на кој не примаат гол. Со победата Вардар се зацврсти на третото место во моментов на табелата, зад лидерот Академија Пандев и втората Македонија ЃП.

Вардарци после ужасното прво полувреме во кое не одиграа ништо, грешеа во додавања, не направија ниту една зрела шанса, а гостите од Струга едвај се приближуваа до шеснаесетникот на црвено-црните, Жуниор навреме го отвори и експресно го затвори мечот со двата погодоци за осум минути во периодот од 57-та до 65-та минута во акциите и додавањата на Даниел Аврамовски, за потоа бившиот шампион без многу мака и рутински да го приведе мечот до крај и да ги освои трите бода, па Филип Најдовски со трет гол на десет минути пред крајот само да ја запечати убедливата обеда.

Стружани имаа само една шанса да се вратат во мечот, но Филип Гачевски бравурозно му одбрани на Христијан Кировски на 20 минути пред крајот, останувајќи со тоа веќе четири меча во серија без примен гол.

Македонија ЃП со пресврт стигна до победа против велешки Борец, кој најави изненадување по само четири минути, но „лавовите“ до крајот на полувремето успеаа да израмнат преку Едуардо Карвалјо, а Дејан Блажевски од пенал на 15 минути до крајот да донесе нова радост за „лавовите“, a Бенјамин Демир во 93-та само ја потврди победата и нивно останување на второто место на табелата.

На Чаир, Бразилецот Сержињо со гол по еден час игра му донесе победничко деби на новиот тренер на Шкупи Булент Акин во пресметката со Силекс, па бившиот првак од кратово сега останува на дното со три бода заедно со Работнички, кој загуби од Шкендија со 0-3 во првиот денешен меч од оваа петта рунда.

ПРВА ЛИГА, 5. КОЛО

Шкендија – Работнички 3-0 (2-0)

Жуниор 19, Алими 32, Тотре 90

Вардар – Струга Трим Љум 3-0 (0-0)

Жуниор 57, 65, Најдовски 80

Шкупи – Силекс 1-0 (0-0)

Сержињо 60

Македонија ЃП – Борец 3-1 (1-1)

Карваљо 39, Блажевски 74 п., Демир 93 – Прелчец 4

ВЧЕРА

Академија Пандев – Ренова 2-0 (1-0)

Рајковиќ 32, Крстовски 87

ТАБЕЛА: А. Пандев 13, Македонија ЃП 11, Вардар 10, Шкупи 8, Струга ТЉ 7, Ренова 7, Борец 4, Шкендија 4, Работнички 3, Силекс 3.