Најмладиот прволигаш Струга Трим Лум, која пред две сезони влезе во Првата лига, а лани коронавирусот ја спаси од испаѓање од домашната елита, ќе игра во Европа летово, откако Дејан Благоевиќ со автогол на средина од второто полувреме, им донесе голема победа и пласман во квалификациите за Конференциската лига летово.

Иако стружани беа десеткувани после глупоста и непромислениот потег на еден од своите најдобри фудбалери Марјан Алтипармаковски, кој беше исклучен за 20-на секунди во 28-та минута, сепак Струга и со десетмина успеаа да стигнат до толку посакуваната победа, кога Благојевиќ си ја затресе мрежата сакајќи да ја исфрли топката после ударот на Јахја со глава во извонредната акција на стружани.

Ваквиот исход во доста тензичниот меч со многу стартови поради важноста на мечот, ја остави залудна победата на Македонија ЃП над веќе испаднатиот Вардар со 2-0 на Националната Арена „Тодор Проески“, остварена со головите на бившите вардарци Филип Петров во 49-та и Боби Божиновски во 86-та минута од мечот.

„Лавовите“ се понадеваа дека во последното коло повторно ќе се вратат на третото место, особено кога Струга остана без фудбалер на теренот, а ѓорчепетровци поведоа, но еден момент сепак сврте сѐ во корист на стружани за тие да излезат на меѓународна сцена и да дебитираат таму.

Струга му се придружи на Шкупи во квалификаците за Конференциската лига, Шкендија ќе игра квалификации за ЛШ, а последниот патник во најновото европско натпреварување ќе биде познат во среда после финалето во Купот во кое ќе играат Академија Пандев и Силекс. Пандевци денеска со триумфоит со 3-1 против Борец го обезбедија опстанокот, па кратовци и Ренова ќе мора да играат во баражот.

Во другите денешни мечеви, Пелистер ја победи последната Беласица со 2-0, а Ренова ремизираше 1-1 со Работнички.