Второлигашите се откажуваат од ваучерите, бараат директна парична помош од државата! (ФОТО)

Македонските фудбалски второлигаши бараат конкретна финансиска помош за да успеат да преживеат од сериозната криза која практично ги доведува на раб на опстанок, па со писмо до Владата на Македонија побараа конкретни мерки и посочија дека ќе се откажат од ваучерите што им се доделени за оваа 2020 година.

Во ек на пандемијата со коронавирусот, фудбалот и тоа како на светско ниво се соочува со тешка рецесија, па во момент во кој нема конкретни мерки најмалку за ублажување на финансиската криза која е уште поголема закана, 20-те второлигаши со писмо се обратија до Владата за помош.

Бараат рамноправна и идентична финансиска помош за секој клуб, а во замена тие ќе ги вратат ваучерите, зашто во моментов, кога и целото стопанство речиси да не функционира, клубовите нема да може да добијат пари од компаниите, а тие преку ваучерите да се пребијат за данок во износот на истиот тој ваучер.

„Фудбалските клубови се на аматерска основа и не остваруваме никакви приходи по ниту еден основ, единствен приход се донации, кои сега се поврзани со добивањето на ваучер и спонзорства, кои од воведувањето на ваучерите се нула. Во овој момент се соочуваме со ситуација да не може да ги реализираме ваучерите, ниту да добиеме спонзорства од компаниите, а трошоците останаа исти, се однесуваат на личен доход за многу малку лица и хонорари, како единствен начин за финансирање на фудбалерите и останатите лица ангажирани во клубот. Плус имаме трошоци за опрема, организација на мечеви, материјални трошоци, за исхрана, за сместување на фудбалери кои доаѓаат од другите градови, котизација од 8.000 евра за која прволигашите се ослободени... Се надеваме дека ќе ни излезете во пресрет и ќе ги спасите клубовите во најмасовното натпреварување на светот – фудбалот“, стои меѓу другото во дописот на сите второлигаши до македонската Влада.