Втората лига остана без Лабуништа - газдата го расформираше клубот!

Втората македонска лига ќе остане без Лабуништа, откако неговиот сопственик Адем Нуроски го расформираше клубот и ја извести јавноста за неговата конечна одлука.

Екипата која стигна до четвртфиналето во македонскиот Куп повеќе нема да постои, а Нуроски преку својот профил на Фејсбук се повлече од финансирањето на Лабуништа.

„Со моја конечна одлука и став сакам да ви се обратам на сите љубители на фудбалот, фудбалската јавност, сите мои жители на Лабуништа и сите кои со нетрпение го чекаа овој момент. Како човек кој го формираше Лабуништа од 2011 година, па до денес имам вложено повеќе од возможното за да може клубот да остави позитивен белег и секој да може по добро да го памети тоа. Знаејќи дека само 20% од финансиите се од спонзорите, а останатите 80% сам се борам да ги најдам, досега немам никаков долг кон никого. Ниту во еден момент клубот не го направив приватен и гордо го носев името на моето село Лабуништа. Во последните неколку години видов и добро и лошо. доброто е што од срце запознав луѓе кои засекогаш ќе останат во мојот живот, а лошата страна е тоа што луѓето кои ги сметав за пријатели ми станаа непријатели и ја згазија мојата борба за клубот. Не сакам да зборувам за цифри, иако знам дека кој добро го познава фудбалот, ќе знае колку пари се вложени. Ќе го повикам Управниот одбор и таму детално ќе презентирам. Ќе понудам да се пронајде човек кој ќе го води клубот уште подобро и кој ќе напише историја. Моите досегашни фудбалери ќе добијат чисти документи, а новата управа ќе може да преговара со секој од нив. Досега сум имал неколку неуспешни обиди за откажување, но овој пат е конечно. Со чист образ го напуштам клубот, кој девет години е мојот живот. Нашето официјално заминување ќе го потврдам на состанокот со Управниот одбор кој ќе се одржи следниите денови, а со мене заминуваат и Претсеателот на клубот Сафет Д. и Ивана Лескароска, која две години рамо со рамо се бореше со мене. Доволно трпевме навреди з тоа што го направивме од срце. Со почиит посебно сакам да се обратам до претставниците на Фудбалската федерација, на спортските работници, кои секогаш беа дочекани како што доликува и секогаш ќе го имаат на располагање моето пријателство. Со почит, Адем Нуроски“, напиша тој на Фејсбук.