Втора победа за Беласица на овие зимски подготовки

Струмичка Беласица ја запиша втората победа во четвртата контролка во овие зимски подготовки, откако денеска тимот предводен од екс-македонскиот селектор Ѓоре Јовановски победи со 2-0 против Кожув.

Струмичани до триумфот стигнаа со автогол на домаќините и со погодок на Андерсон, па после триумфот со 3-0 против Плачковица, сега вторпат запишуваат победа зимава. Претходно загубија од Тиквеш од Кавадарци со 2-3, а ремизираа со Њу Старс без голови.

Победи денеска и велешки Борец со 2-0 против Тетекс, но ова е веројатно последниот меч на велешани со овој тим, откако газдата Кочо Анѓушев се повлече од клубот и им даде чисти документи на фудбалерите да си најдат нови тимови, зашто клубот нема да продолжи да го финансира.

Бившите шампиони на Македонија, Ренова и Работнички ремизираа 3-3 во пресметката во Охрид.

Скопје со 6-1 славеше над Кадино во пријателски меч на второлигашките екипи од западната група, а новото засилување на „пиратите“, Христијан Кировски даде хет-трик во убедливата победа.