Во Македонија тренери се менуваат како чорапи, а два „гиганти“ се – лидери!

Македонската Прва фудбалска лига е една од земјите во светот каде тренерите се менуваат како чорапи, па нашата елита за малку не е во „топ десет“ во истражувањето кое го спроведе фудбалската опсерваторија ЦИЕС.

ЦИЕС направи анализа во 84 првенства во светот и следејќи го бројот на тренери што работеле во периодот од јануари 2015 година до декември 2019 година и дошле до запрепастувачки податок дека од 766 клубови кои ги анализирале, само во 30 клубови во овој период останале да работат истите кормилари.

Според анализата, во Македонија, која заедно со Колумбија го држат 11-то место во просек во овој петгодишен период, секој клуб сменил точно по шест тренери. Но, од Македонија впредвид се земени само пет клубови од десетте прволигаши, додека во Колумбија од дури 20 екипи, па затоа Колумбија е пласирана пред нас.

Не е ова нешто за фалба, зашто во мизерна лига, со мизерни услови, со многу поголем неквалитет во однос на квалитет, тренерската работа станува многу стресна и непредвидлива, па тешко е да се најде екипа која на долг рок работи и планира со својот избран кормилар. Сепак, Македонија е далеку од врвот, зашто Боливија има во просек 9,1 сменет тренер по клуб. А, дека повторно сме далеку од нормални европски текови, е фактот што во самиот врв во оваа анализа се наоѓаат сè сами – фудбалски велесили. Прва е Боливија, пред Тунис, Алжир, Саудиска Арабија, БиХ, Парагвај, Кипар, Црна Гора, Албанија и Србија.

Ако се гледа по клубови, (не)очекувано лидери се два наши гиганти – Работнички и Шкендија. Дебармаалци се убедливи со девет сменети тренери во овој период или во просек секој тренер издржал 19,2 меча во просек, а за еден помалку зад нив е Шкендија со осум промени или во просек 21,6 меча издржале кормиларите во просек во Тетови. Трета на листата е Ренова со седум тренерски смени.

Може да се бараат многу причини за тренерските смени, ама очигледно е дека клубовите кај нас, а посебно овие со најголеми имиња, се ептен нестрпливи за успеси, а во фудбалот ниту една фудбалска стратегија не успеала преку ноќ за пола сезона или една цела сезона. Работнички менуваше тренери ептен во последните две сезони, а Шкендија само со Ќатип Османи имаше малку подолгорочна соработка.

Анализата е направена со само еден услов, тренер најмалку да биде на клупата три меча, па не ги сметаат вршителите на должност на клупата од еден или два меча. Инаку, така, бројката веројатно ќе беше уште поголема. Апсолутен лидер за менување на тренери како чорапи е боливиски Реал Потоси кој за овој период сменил дури 20 кормилари.