Влахо: Не е во ред Работнички да има два порази од три меча, но ова е млад тим кој допрва ќе расте!

Секоја сезона поранешниот македонски првак Работнички има високи амбиции, најмалку да излезе во Европа, но на стартот на новата сезона дебармаалци веќе запишаа две нули во три меча, што барем за почеток е лош старт за дебармаалци.

После денешниот пораз со Работнички од Вардар со 0-2, тренерот Александар Влахо посочи дека очекува до крајот на преодниот рок дека во Дебар Маало ќе дојдат најмалку уште еден-два нови фудбалери за да се зголеми и конкуренцијата, но и ростерот да биде поголем за долгата сезона.

„Кога ќе се земе дека сите екипи лошо стартуваа и почетокот на сезоната донесе низа изненадувања, а никој не почна со сите победи (Вардар, Шкендија, Шкупи... - н.з.), тоа значи дека првенството е израмнето и секој секого може да победи. Но, не е во ред за клуб како Работнички од три меча да има два порази. Јас мислам дека од двете гостувања досега салуживме барем еден бод, ние најголемата шанса за повеќе бодови ја пропуштивме досега во Струга, но треба да споменам дека бевме и хендикепирани денеска за тројца фудбалери, од кои едниот е првотимец. Ние сме млада екипа, која допрва ќе расте, млада екипа која е во создавање и очекувам од коло во коло да биде подобро. Ние денеска ја загубивме креацијата, но се надевам до крајот на преодниот рок ќе донесеме уште едно-две засилувања, за да може ростерот да биде малку поголем“, вели Влахо.

Работнички денеска одигра разочарувачки и далеку под нивото, со само еден зицер кој Бразилецот Јаго не го искористи три минути откако Вардар поведе со 1-0, но според Влахо црвено-црните заслужено победиле и тој призна дека не очекувал неговиот тим да потфрли во второто полувреме.

„Прво полувреме беше израмнето, можеби бевме малку поконкретни во некои ситуации, а во вториот дел првите 15-20 минути му припаднаа на Вардар, го искористија невниманието на нашата одбрана и успеаа да дадат гол. После тоа имавме чист зицер преку Јаго, кој не го искористивме и на крајот се отворивме, а Вардар успеа да даде и втор гол. Не направивме нешто поголемо и подобро во вториот дел, а Вардар си ги искористи своите шанси и заслужено победи. Ако во прво полувреме стоевме добро и добро ја контролиравме ситуацијата, зашто знаевме дека Вардар ќе направи тактичка замена и дека ќе игра со тројка во дефанзива, нѐ очекував дека второ полувреме ќе потфрлиме и дека нема да го прикаже тоа што го работиме и за тоа што се стремиме. Не ги искористивме слабостите на Вардар и просторот што го оставаа во централниот дел. Но, на дерби кој ќе даде прв гол е поблизу до триумф, зошто е потешко за противникот“, додава Влахо.