Васоски: На ваков меч не се свири таков гол!

Тренерот на актуелниот македонски прволигашки лидер Вардар, Александар Васоски не сакаше премногу да го коментира фантомскиот гол на Шкендија на крајот од првото полувреме, кој на тетовци им ја отвори вратата кон победата во дербито во Маџари со 2-0, за да се вратат во трката за титулата.

Вардар загуби во дуелот, на кој непостоечкиот гол на Изаир Емини судиите предводени од охриѓанецот Марјан Маркоски го признаа, а во самиот финиш Бесарт Ибраими погоди за да ја завери победата по која Шкендија стигна на четири бода негатива во однос на најтрофејниот клуб.

„Не сакам да коментирам за голот, но јасно е дека ситуацијата беше сомнителна. На вакви мечеви, ако ситуацијата не е чиста, не смее да се свири било што. Но, да го оставиме сето ова на страна. Ние мора машки да го поднесеме поразот и д се сконцентрираме на следниот меч против Ренова идниот викенд. Глупаво е да коментирам судии и нивната арбитража, но на ваков меч не се свири таков гол. Не може на едно метро да се види дали е гол, а не пак од далечина“, вели Васоски.

Вардар во вториот дел се обиде да се врати во мечот, барем да се избори за реми, но не успеа во тоа, а очиглено беше дека тој момент и психолошки влијаеше на црвено-црните.

„Разочарани сме од дербито и од поразот. Ние правевме договор пред натпреварот да почнеме претпазливо, но во првиот дел бевме разлетани на теренот. Игравме подобро во вториот дел, меѓутоа беше евидентна нервозата во нашата игра. Кога ќе влезеш со нервоза во натпревар, не си ист фудбалер. Но, не би сакал да се „вадиме“ на тој момент. Тој момент беше еден од клучните. Разликата меѓу нас е четири бода, трката за врвот продолжува и понатаму“, додаде Васоски.