Васоски: Мораше да си викнеме на паузата после најлошото полувреме откако сум тренер!

Најтрофејниот македонски клуб Вардар влезе во победничка серија и ја запиша најубедливата победа досега во сезоната со триумфот со 3-0 против Струга Трим Љум, но ништо не најавуваше дека ќе се случи ваков исхот после ужасното прво полувреме во кое црвено-црните не знаеа што сакаат да направат со топката.

Вардар победи откако две додавања на Даниел Аврамовски за Жуниор во осум минути ги скршија стружани со двата гола на бразилскиот лев бек, а Филип Најдовски постигна трет гол за да го запечати триумфот на црвено-црните.

„Откако сум јас тренер во Вардар веројатно ова прво полувреме што го одигравме е најлошото. Бевме безидејни, бевме без концентрација, грешевме на нормални додавања што е нешто неизводливо според мене. Многу лошо полувреме, па во второто излеговме малку поагресивно, откако бевме малку гласни и мораше да си викнеме на паузата – да кажеме некои работи во очи. Плус двете тактички измени потоа вродија со плод со влегувањето на Цветановски и Попзлатанов, кои одиграа коректно и дадовме три гола. Но, Струга не смее да се потцени, добра екипа се. Второто полувреме сега ќе го земеме за на Чаир (следното коло Вардар му гостува на Шкупи – н.з.), а првото што побргу да го заборавиме. Ова прво полувреме ќе го гледам и добро ќе го анализирам, ама сакам брзо да го заборавам“, вели Васоски.

Вардар влегува во период на исклучително набиен, а тежок распоред сооглед дека веќе в среда го чека градското дерби со Шкупи на Чаир, па в недела домашен меч со Силекс, потоа првото осминафинале против Шкендија (25 септември) во Скопје, дуел потоа со лидерот Академија Пандев (29 септември) и прволигашкото дерби со првакот Шкендија во Тетово (6 октомври).