Васоски: Ги искарав на полувреме да одиме похрабро во напад и – дадовме два гола!

Тренерот на најтрофејниот македонски клуб Вардар, Александар Васоски посочи дека победата и двата гола после два неубедливи мечеви без погодок на стартот на сезоната ќе ја врати самодовербата во младиот тим на црвено-црните и дека очекува Вардар да влезе во голгетерска серија по триумфот со Работнички со 2-0.

Вардар во првите две кола освои само еден бод, не даде ни еден гол, а имаше дузина шанси кои беа потешко да се промашат, отколку да се реализираат. И денеска, вардарци се изнапромашуваа, посебно во последните 10 минути, но на крај успеаа со погодок да ја заверат победата.

Вардар играше летаргично прво полувреме во кое имаше само два обиди и без конкретни шанси, а Васоски призна по мечот дека ги искарал и тоа било мотивација да тргнат похрабро во напад во вториот дел, по што таквиот пристап брзо донесе резултат и 11 минути од почетокот на второто полувреме, Вардар поведе и го прекина постот од 236 минути.

„Убаво е да се победи. На почетокот на мечот имавме мала несигурност, што е нормално, зашто фудбалот сепак е една голема психологија. Успеаа момците откако на полувремето малку ги искарав, бидејќи немавме храброст да играме кон напред. Тоа се смени во вториот дел, одигравме баш како што треба, дадовме два гола, а можеби требаше да дадеме три-четири. Меѓутоа и вака е добро, се враќаме на победничките патеки. Сега нема место за еуфорија, зашто во среда играме Куп, после не чека меч со Ренова. Имавме голгетерска летаргија. Гледате и сами какви шанси промашуваме, но јас верувам дека ќе се вратат головите. Еве денеска дадовме два, на следниот меч со Ренова се надевам дека ќе постигнеме минимум гол-два. Јас немам што да им замерам на дечките, кои се млади. Не можам да ги критикувам, зашто морам нонстоп да ги кревам психолошки. Ете денеска Бојан Колевски даде гол, Ибиши имаше стоотстотна шанса... Мислам дека голгетерски ќе се вратиме“, вели Васоски по мечот.

Ако против Македонија ЃП и Борец, Вардар во мечевите тргна со четири дефанзивци во линија, овојпат Васоски се реши да игра со три стопери, па бековите (Брдаровски и Жуниор) практично да бидат крила, што и донесе посебно во вториот дел малку поголема пробивност на тимот за да стигне до прв сезонски триумф.

„Сакам тие две формации (4-3-3 и 3-5-2 – н.з.) да му бидат како една основа, врз кој ќе го градам системот мој на тренирање и играње. Со тројка игравме и минатата сезона, со четворка исто имаме добри мечеви. Така да, во зависност од противникот и анализата ќе решам на кој меч со која формација ќе играм“, додава Васоски.