Васоски: Европа е речиси обезбедена, ама обврска е за реномето на Вардар да завршиме втори!

Најтрофејниот македонски клуб Вардар втора сезона по ред и гледа во грб на својот најголем ривал Шкендија, која по ремито без голови во дербито во Маџари дојде на само четири победи од преостанатите осум меча за да се круниса за старо-нов шампион.

Вардар пропушти шанса да ја победи Шкендија и во осмиот меч по ред, па веќе една ипол година нема триумф над тетовци, а триумфот веројатно ќе ја одложеше таа промоција за круната, сооглед дека Шкендија има преубедлива предност, која тешко дека може да ја прокоцка до крајот со пет домашни мечеви во преостанатите осум кола.

„И да победевме денеска, тешко дека ќе стигневме до титулата, зашто на осум кола до крајот – и девет бода би биле многу. Вака, Шкендија си ги зголеми и тоа како шансите за титулата. Фудбалот е чиден, ние не се предаваме, ќе се бориме до самиот крај, но... Денеска имаше фајтерско дерби, без оглед што заврши 0-0. Кој дојде да го гледа – виде добар меч. Ремито е некако најреално, зашто Шкендија имаше свои шанси, ние имавме во второто полувреме. Имавме повеќе шанси во вториот дел, можеби требаше да победиме, но кога нема да се искористат шансите, како и со Академија Пандев – нема победа. Јас им честитам на фудбалерите на двата тима за добриот фудбалски меч во дербито“, рече Александар Васоски, тренерот на црвено-црните.

Вардар по ремито, но и нерешениот резултат на Академија Пандев во Ѓорче Петров остана со четири бода предност пред струмичани на втората позиција, со речиси сигурно обезбедена Европа, зашто вардарци имаат 12 бода повеќе од Работнички кој го има моментно четвртото место, кое условно води во Европа.

„Се надевам дека Европа е обезбедена. Имаме уште четири меча дома, ќе гледаме сите четири да ги победиме. Но, ако веќе извесно е дека втората зацртана цел ја остваривме, а тоа е излез во Европа, сепак наша цел сега е тоа второ место. Сепак, се работи за реномето на клубот и ние до крај ќе се бориме со Академија Пандев за да го обезбедиме тоа второ место на крајот“, додаде Васоски.

Вардар цела сезона ја игра на Маџари, терен кој не е најдобар за врвна фудбалска претстава, особено кога играат двата најдобри тима во лигата.

„Не може ништо да смениме, што е тука е, но секако дека заслужува дербито да се игра на Градски. Јас се надевам дека следната сезона ќе си бидеме свои на своето и ќе играме на Градски“, заврши Васоски.