Натрофејниот македонски клуб Вардар претпладнево веднаш се фати за работа, по вчерашното пристигнување во Зрече во Словенија на главната фаза од овие летни подготовки.

„Црвено-црните“ имаа утрински тренинг за сила „сервиран“ од кондицискиот тренер Михајло Костиќ, а потоа одработија и дел тактика под водство на шефот на стручниот штаб Бобан Бабунски.

Ова беше прв дел од денешниот ден, затоа што фудбалерите ги очекува уште еден попладневен тренинг. Бабунски во Словенија поведе 25 фудбалери, но се очекува во таборот на црвено-црните да дојдат уште неколку засилувања за вардарци да состават уште посилен тим кој ќе има подолго лето на меѓународна сцена.

Инаку, в недела Вардар ќе го има првиот од седумте теста против Шампион од Целје.