Вардар во пеколен период со големи проблеми - двајца напаѓачи скршија нога!

Најтрофејниот македонски клуб Вардар по пет рунди стигна до десет бода и трето место на табелата, пред да почне од следната недела за нив пеколниот ритам со дерби мечеви во само две седмици, кога црвено-црните ќе се соочат со сериозни проблеми посебно во офанзивата. Ова откако останаа без суперталентираните тинејџери Џемал Ибиши и Бојан Димовски, практично до пред крајот на есенскиот дел.

ЗЛАТКО КРСТЕВСКИ

Ибиши и Димовски се повредија на настапот за младата селекција до 19 години во пресметките со Бугарија, двајцата имаат скршеници на стапалото и според проценките најмалку еден месец се загубени. Но, со оглед дека треба да мируваат, па полека да се вратат во ритам, практично полусезоната ќе дојде пред својот крај.

„Ибиши и Димовски се загубени најмалку еден месец. Но, кога ќе се вратат, сметајте уште најмалку половина месец до еден месец. Практично се загубени и ќе се обидеме нивното отсуство да го компензираме“, вели тренерот Васоски.

Ибиши е центарфор, кој го реши мечот во Тетово против Ренова и тоа нецела минута откако влезе во игра, а Вардар сега останува само на Бојан Колевски како гол-играч во нападот. Бојан Димовски е исклучително талентиран фудбалер во офанзивниот дел во средниот ред, кој досега сезонава влегуваше од клупата за резерви за да го размрда тимот во креацијата, па сега Али Адем од младата гарда ќе треба да го понесе поголемиот товар покрај Филип Најдовски и Дарко Мицевски, кои со искуството го држат средниот ред.

Поради ова, Даниел Аврамовски, бившиот младински репрезентативец од „златната генерација“ од 2017 година ќе добие поголема улога во нападот, зашто Вардар тешко дека ќе издржи само со премладиот Колевски како најистурен.

„Аврамовски (ќе) го користиме како напаѓач. Колевски денеска беше под нивото. За овие мечеви мора да има ротации, посебно на позициите каде најмногу ни се трошат фудбалерите, на крила. Ќе направиме неколку измени, а да не го ослабиме тимот. Сметам на сите фудбалери што се тука, вклучувајќи ги и младите, кои веќе ги сметам за првотимци. Ќе пробаме овие шест-седум меча тие фудбалери да го понесат товарот“, додава Васоски.

Вардар сезонава остана да ја турка сезоната и да брка трофеи со ептен млад тим, откако доби забрана за трансфери од два преодни рокови поради „случајот Максим Максимов“, како капак на проблемите почнати со финансиската криза и со недобивањето лиценца за настап во Европа.

Црвено-црните веќе в среда ги чека градското дерби со Шкупи на Чаир, па в недела домашен меч со Силекс, потоа првото осминафинале против Шкендија (25 септември) во Скопје во Купот, па дуел потоа со лидерот Академија Пандев (29 септември) и прволигашкото дерби со првакот Шкендија во Тетово (5-6 октомври), по што ќе следува репрезентативната пауза за евроквалификациите.