Ќе биде пеколна борба за Европа и опстанок: Вардар го мерка тронот на залетаната Шкендија!

После повеќе од два месеци пауза, македонската фудбалска елита попладнево ќе ја отвори втората етапа од сезоната, која повторно тргнува со пресметка на двата најдобри клубови во земјава првакот Шкендија и вицепрвакот Вардар (14 часот) на Градскиот стадион во Тетово.

Со пет бода повеќе по есенскиот дел, засилени со екс-репрезентативецот Агим Ибраими, но без првата ѕвезда на тимот Бесарт Ибраими (повреден), Шкендија ќе се обиде да го искористи домашниот терен, но и моментот на невоиграност на вардарци со новите засилувања за да го направи првиот поголем исчекор кон титулата. Шкендија веќе шест меча по ред не знае за пораз, скопските црвено-црни се радуваа против најголемиот ривал за последен пат во октомври 2017, па сега вардарци немаат премногу избор и ако сакаат да останат во трката за круната, најмалку што мора да направат е да не загубат.

Најтрофејниот македонски клуб откако ги одработи подготовките со „детската градинка“ и дузината млади таленти во Аланија, ангажираше две искусни имиња во Даниел Аврамовски, членот на златната младинска селекција на Македонија и повратникот Фелипе како засилувања во тимот од кој зимава заминаа десет имиња. Вардар со овој двоец може да склопи добар прв тим, ама во пролетниот дел од сезоната како маана прво ќе биде тенката клупа и фактот дека Александар Васоски ќе мора да зависи од свежината и здравјето на фудбалерите од првите 11, што за разлика од нив, Шкендија го нема како проблем и како посебен адут освен Ибраими ќе им биде задржувањето на костурот на тимот и далеку повоиграниот тим.

Дека Вардар може да се носи со Шкендија дури и во периоди кога се наоѓа во проблеми, покажаа вардарци и на стартот на оваа сезона. Беа отпишани и прежалени уште на стартот на сезоната, па на крајот успеаа да извлечат реми 2-2 и во првиот круг да имаат дури и седум бода повеќе од тетовци.

Шкендија и Вардар повторно се во фокусот, не само низ денешниот дуел како воведен за вториот дел од сезоната, туку и како двата ривали кои ќе се борат за круната, сооглед дека бившиот првак Работнички сериозно заостанува зад тетовци, со дури 14 бода помалку за да може да се вмеша во трка за шампионскит трон. Ако некој посебно се засили зимава, тоа де дебармаалци, кој донесоа речиси цел еден тим во реконструкцијата што ја направија, но допрва тимот ќе треба да се воигрува, па повеќе од јасно е дека целта за пролетва на Работнички ќе биде излезот во Европа.

И токму таа битка за местата за меѓународната сцена треба да донесат ако ништо друго многу возбудувања, кога веќе тешко е за очекување дека малубројната јавност која го следи домашниот фудбал и посебно доаѓа на трибините ќе види преголем квалитет. Самиот факт дека во полуфиналето на Купот има три екипи од долниот дел од табелата (Македонија ЃП, Победа и Беласица), плус моментно третопласираната Академија Пандев, ја скратува на само две места трката за европски излез на неколкуте конкуренти за летна авантура. Пред се покрај Вардар и Работнички, амбиции за излез во Европа ќе имаат и Шкупи и Ренова, кои не се предалеку на стартот од дебармаалци – на три односно пет бода.

Како и на стартот на сезоната и по одработениот зимски преоден рок, сите екипи помалку или повеќе се освежија, па најголемиот дел од нив се израмнети според квалитетот, што значи дека и трката за опстанокот ќе биде исклучително интересна, како и таа за европски излез. На стартот на овој втор дел, Победа и Беласица се најзагрозени како двоец кој моментно е во зона за директно испаѓање, но само четири бода ги делат од Ренова и Македонија ЃП за спас, па сето тоа е доволно за секое коло и секој меч практично да биде „дерби“ во некој поглед, зашто бодовите на сите ќе им бидат и тоа како потребни.

За разлика од есеноска, барем сите прволигаши сега се надеваат дека судиите ќе бидат на ниво, па поплаките дека се оштетени или „ограбени“ ќе се сведат на минимум, за да не се отвораат стартите рани и болки, како и „теории за заговор“ дека во домашниот фудбал однапред е сè познато.

ПРВА ЛИГА, 19. КОЛО (14. ЧАСОТ)

ТЕТОВО: Шкендија - Вардар

„ФИЛИП ВТОРИ“: Работнички – Ренова

КРАТОВО: Силекс – Шкупи

СТРУМИЦА: Академија Пандев – Македонија ЃП

КИЧЕВО: Победа – Беласица

ТАБЕЛА: Шкендија 40 бода, Вардар 35, А. Пандев 30, Работнички 26, Шкупи 23, Македонија ЃП 21, Ренова 21, Силекс 18, Победа 17, Беласица 17.