Најтрофејниот македонски клуб Вардар ја запиша осмата победа во оваа сезона во Првата лига, после денешната тешка победа во сеоседското дерби со Работнички со 2-0, за црвено-црните барем на 24 часа да се осамат како лидери на прволигашката табела пред утрешните преостанати четири меча од ова 12-то коло во домашната елита.

Најдобриот вардаров фудбалер Даниел Аврамовски, членот на златната младинска репрезентација која пред две години играше на Евро 2017 и денеска беше клуч за победата на најтрофејниот клуб, откако постигна два гола во завршните 14 минути од мечот. Прво од слободен удар на ивица на шеснаесетникот во 76-та минута го постигна првиот гол, за во 93-та по контрата го даде и вториот за голем триумф на вардарци и продлабочување на кризата во клубот од Дебар Маало. Аврамовски и поранешен фудбалер на Рботнички, но денеска беше безмилосен против својот поранешен клуб, па со помош на живиот ѕид го измами репрезентативниот голман Дамјан Шишковски за да ја обезбеди победата на Вардар. Кога Работнички тргна во последен обид да стигне барем до бод, по контрата во третата минута од надополнувањето, Аврамовски ја завери победата.

Вардар и Работнички попладнево одиграа просечен меч без премногу фудбалска убавина, со многу грешки, во кој Вардар како и досега во сезоната имае поголем посед, се трудеше повеќе да игра со топката, за разлика од подредената улога на „романтичарите“, отиентирани со цврста дефанзива да ги искористат грешките и до голот на Филип Гачевски да стигнат преку противнапади.

Вардар имаше шанси и порано да го отвори мечот за полесно да стигне до победата, но дирекот го спаси Шишковски во 20-та минута по ударот на Дарко Мицевски од 16 метри, потоа Бојан Колевски промаши два зицери, првиот во 25-та кога излезе сам откосо пред голманот на дебармаалци, а потоа и од три метри по извонредната акција и додавањето на Али Адем. Работнички во првиот дел имаше само една опасна шанса во акцијата на Николче Шаркоски по која младиот Давид Тошевски не изреагира најдобро во петерецот.

Како се одвиваше првиот дел, така тргна и вториот, но со далеку помалку шанси, зашто Работнички успеваше секое завршно додавање на вардарци да го спречи, а само Аврамовски имаше еден опасен шут три минути по стартот на втроиот дел. И кога Работнички тргна малку повеќе да игра на противничката половина, а Иван Марковски опасно биеше во 75- та минута по што Гачевски одбрани, во следната акција, Матеј Цветановски се избори за прекршок, а Аврамовски реализираше за да ја најави победата, а потоа и ја запечати истата.

Ова е втора победа за Вардар сезонава во соседските пресметки, по триумфот со 2-0 и во првиот круг. Работнички со поразот врза три во низа и останува последен на табелата и по ова коло.

Најтрофејниот македонски клуб веќе в среда го очекува ново дерби и тоа куп-реваншот со Шкендија во Тетово, после ремито 2-2 во Скопје пред еден месец.