Вардар – Шкендија задутре од 15 часот поради ТВ-пренос

Последното сезонско дерби помеѓу актуелниот шампион Вардар и идниот првак Шкендија, кој ќе се игра задутре на Националната Арена „Филип Втори“ во рамките од 28-то коло во Првата лига, ќе започне еден час порано од предвидениот термин за прволигашите.

Двата црвено-црни табори ќе се судрат во четвртото сезонско дерби во елитата од 15 часот на нашиот најголем стадион, поради ТВ-преносот на ТВ „24“, меч кој нема поголем значај во трката за титулата, затоа што тетовци на девет кола до крајот имаат убедливи 20 бодови предност и пресметката може само да го забрза официјалното крунисување на гостинскиот тим за нов првак. Ова ќе биде воедно и деби на Бобан Бабунски како нов тренер на Вардар, откако поранешниот фудбалер на црвено-црните и македонски селектор денеска го одржа првиот тренинг и е замената за досегашниот кормилар Чедомир Јаневски.

До крајот на сезоната има уште девет кола, затоа што со ова дерби почнува послендиот четврти круг во шампионатот, па победа или реми за Шкендија би значело дека веќе викендов тетовци на свој терен ќе може да го слават шампионскиот пехар, а Вардар ќе се обиде да им го пролонгира тоа славје за нешто подоцна, ако успее вторпат дека ќе го победи големиот ривал.

Досега во сезонава, Вардар и Шкендија имаат по една победа и едно реми. Шкендија на стартот на сезоната триумфираше со 2-0, Вардар возврати со триумф дома со 4-2, а на стартот на пролетва ремизираа под Шара 1-1.

Инаку овој меч нема да го суди некој од најдобрите македонски арбитри, туку истиот му е доделен на младиот и анонимен судија Игор Стојчевски, кој ќе биде главен арбитар, а негови помошници ќе му бидат Саше Тошевски и Даниел Василевски.

Во другите мечеви во вонредното коло кое се игра од 16 часот, Ренова ќе го дочека Работнички во Тетово, а главен судија на мечот ќе биде Јован Качевски. Во Турново Академија Пандев го пречекува Шкупи, а дуелот ќе го суди Фатон Мустафи. Под „Тумбе Кафе“ се игра дербито за опстанок на пелагониските ривали Пелистер и Победа, меч кој ќе го суди Дејан Јакимовски, а на „Железарница“ Скопје ќе го пречека Силекс и овој меч му е доделен на Димитар Мечкаровски.