Вардар се враќа на победничките патеки, Силекс е следен на листата на Шкендија

Вардар е во серија од три натпревари без победа во Првата лига. Денеска ја пречекува Ренова со амбиција на оваа лоша серија да и дојде крајот.

Турбулентните две недели на „црвено-црните“ предизвикаа и криза во играта, па „гипсарите“ се добар противник за враќање на победничките патеки. На последните три натпревари актуелниот првак загуби од Работнички и Силекс, а одигра без голови на гостувањето кај последнопласираниот Скопје. 

Ренова е далеку од наивен противник, но избраниците на Чедомир Јаневски немаат друг избор освен победа. Тимот од Џепчиште ќе биде осоколен на „Филип Втори“ попладнево најмногу поради ремито против Шкендија (1-1) во првиот натпревар од полуфиналето во Купот. 

Силекс има речиси невозможна мисија на гостувањето во Тетово кај Шкендија. Кратовци имаат солидна сезона досега и се наоѓаат на третото место, но разликата во квалитет во однос на тетовци е голема, па се очекува нова лесна победа на лидерот на табелата. Домашниот тим ќе биде без капитенот Ферхан Хасани, кој е повреден, но Ќатип Османи на располагање има доволно квалитетен состав да го замени најдобриот стрелец. На двете сезонски пресметки претходно, Шкендија славеше победа од 5-0 во Тетово и 0-2 во Кратово.

Победа минатото коло играше на домашен терен во Охрид, а денеска ќе биде домаќин во Струмица против Работнички. Академија Пандев на стадионот „Кукуш“ во Турново ќе го пречека Пелистер и ќе ја бара првата пролетна победа. Во недела е закажано скопското дерби помеѓу Шкупи и Скопје, кое ќе се одигра во Гостивар.

ПРВА ЛИГА 24.КОЛО
САБОТА, 14 часот

Вардар - Ренова
Шкендија - Силекс
Академија П. - Пелистер
Победа - Работнички
НЕДЕЛА, 14 ЧАСОТ
Шкупи - Скопје

ТАБЕЛА
1. Шкендија 59
2. Вардар 43
3. Силекс 36
4. Шкупи 29
5. Работнички 28
6. Академија П. 28
7. Ренова 25
8. Победа 22
9. Пелистер 21
10. Скопје 17