Вардар пролетва даде шест гола, а четири се дело на - Мирчевски

Најтрофениот македонски клуб Вардар, кој минува низ најтурбулентната и најхаотичната сезона во која моментно е претпоследен на табелата, место кое води во Втората лига, па пролетва само три бода имаат освоено црвено-црните во девет меча.

НИКОЛА БОГОЈЕВСКИ

Вардар кој остана едвај да скрпи тим за да ја продолжи сезоната, па во „пет до 12“ практично ѝ се собра, во досегашниот дел од прволигашката сезона севкупно даде шест гола, освои три бода во три ремија, со Пелистер (2-2), Струга Трим Лум (1-1) и Ренова (1-1), но доживеа два срамни порази од Шкендија (1-6) и од Струга Трим Лум (0-6).

Ако се погледне, веројатно и овие три бода немаше да ги има на контото на црвено-црните, ако не беше Мартин Мирчевски, опасното брзоного офанзивно крило, кој од шесте погодоци на Вардар даде четири. Двапати ѝ даде гол на Шкендија, а по еднаш погоди со Пелистер и денеска со Ренова. Останатите два гола се дело на Филип Петковски, еден против Пелистер и еден со Струга Трим Лум во второто реми пролетва.

Инаку Мирчевски сезонава има девет гола во дресот на Вардар откако дојде ланското лето од струмичка Беласица.