Вардар после 13 месеци конечно ќе игра во својот дом – на Арената!

Најтрофејниот македонски клуб Вардар после цели 13 месеци повторно ќе игра во својот дом, Националната Арена „Тодор Проески“, на мечот од третото првенствено коло против соседот Работнички в сабота од 17 часот.

Црвено-црните последен пат домаќини на популарниот Градски беа на 19 јули лани, кога го играа реванш мечот со Пјуник од Ерменија во првото квалификациско коло во Лига Европа. После тој меч и поразот со 0-2 што значеше и елиминација на стартот на новата евроавантура (една година по историскиот настап во Лига Европа), започна и големата криза во најтрофејниот клуб. Прво со најавите дека бизнисменот Сергеј Самсоненко ќе го врати клубот на град Скопје, па со блокираната сметка и едвај платената котизација за настап во Првата лига, а кулминираше со постепено заминување на најголемиот дел од играчите кои останаа после историскиот настап во Европа до крајот на есенскиот дел од сезоната. Поради големите финансиски проблеми, Вардар се пресели во Маџари и целата сезона како домаќин ја одигра на стадионот „Борис Трајковски“, а само двапати одигра меч во својот дом и тоа како гостин против соседот Работнички.

Сега, иако проблемите со финансиите не се подобрија во клубот, Вардар сепак се враќа на Арената и ќе си ги игра домашните мечеви на својот матичен стадион. Првиот сезонски дуел со Македонија ЃП (0-2) го играа на тренинг-центарот „Петар Милошевски“ во комплексот куќа на фудбалот поради зафатеноста на Арената тој викенд со одржувањето на европскиот тимски шампионат во атлетика.

Сите останати мечеви од третото коло во Првата лига се играат в недела од 17 часот, а двојките се Струга Трим Љум – Силекс, Шкупи – Ренова, Академија Пандев – Борец и Шкендија – Македонија ЃП.