Најтрофејниот македонски клуб Вардар остана непоразен во Скопје и ја продолжи безмалку 11-годишната доминација на свој терен со Ренова, после ремито 1-1 денеска по кое црвено-црните сепак останаа претпоследни, но на исто бодовно салдо како и „гипсарите“, а само еден зад кратовски Силекс, кој загуби во неверојатен меч во Битола со 2-3.

Вардарци може да жалат што денеска не победија, а имаа извонредна шанса преку младиот Георг Стојановски за да стигнат до победа и да избегаат од тоа претпоследно место, но шансата младиот центарфор не ја искористи и биеше над голот, оставајќи ги соиграчите да се држат за глава за пропуштената можност за прв триумф пролетва. Мартин Мирчевски со гол со глава во 40-та минута обезбеди реми, откако Ален Јашаровски во 15-та го отвори мечот.

За Вардар ова е само трет бод во оваа пролетна сезона, а иако е претпоследен, останува во тесна борба за опстанокот во следните шест меча. Црвено-црните имаат 28 бода, колку и Ренова, но сега имаат и послаб меѓусебен скор, што ќе значи дека до крајот ќе мора да освојат бод повеќе од тетовци ако сакаат да го избегнат директното испаѓање.

Силекс остана на 29 бода, а сѐ изгледаше на лесна победа на кратовци откако по 20 минути игра стигнаа до предност во Битола од 2-0 со головите на Пепи Ѓоргиев и Дејан Тантуровски, но битолчани не се предадоа, па дури на крајот и победија.

Христијан Драгарски и ристе Илијовски за шест минути брзо израмнија во периодот од 24-та до 30-та минута, а завршниот удар за три бода на Пелистер го направи Нето со гол во 71-та минута. Со Овој триумф Пелистер сега има 35 бода и многу мирна ситуација, зашто е шест бода над зоната за баражи, а веќе осум од Вардар за директно испаѓање, па со овој триумф битолчани скоро да направија голем исчекор кон опстанокот.

Академија Пандев со поразот во тетово од Шкендија е на само три бода од зоната за испаѓање, а кокму струмичани се следен противник на Вардар веќе во недела, кога Ренова и Силекс ќе се пресметаат во ново дерби за опстанок во Тетово.

ПРВА ЛИГА, 27. КОЛО (13 ЧАСОТ)

Пелистер – Силекс 3-2 (2-2)

Драгарски 24, Илијовски 30, Нето 71 – Ѓоргиев 3, Тантуровски 19

Вардар – Ренова 1-1 (1-1)

Мирчевски 40 – Јашароски 15

Шкендија – Академија Пандев 1-0 (0-0)

Ибраими 53

Шкупи – Беласица 0-1 (0-1)

Демир 11

Македонија ЃП – Борец 2-1 (1-0)

Фазли 45, 66 – Мишов 84

Струга Трим Лум – Работнички 1-1 (1-0)

Миленковски 33 – М. Станковски 58

ТАБЕЛА: Шкендија 62 бода, Шкупи 49, Македонија ЃП 47, Струга ТЛ 41, Работнички 40, Пелистер 35, Борец 33, А. Пандев 31, Силекс 29, Ренова 28, Вардар 28, Беласица 14.