
Вардар: Нема да се расправаме со провинциски структури и со обложувачката мафија во Македонија!
Веднаш по вчерашниот натпревар меѓу Вардар и Силекс, кратовци прстот го вперија кон судиската тројка на чело со главниот судија Идризи Фуркан. Подоцна на ТВ Сител се појави и прилог во полза на кратовскиот тим.
Сега Вардар излезе со соопштение во кое жестоко му одговори на Силекс:
„Вардар не сака и нема да навлегува во расправии со примитивни и провинциски структури на фудбалското подземје и кладилничарската мафија во Македонија собрана во кратовскиот прволигаш.
Злоупотребата на истоимената телевизија од истоимениот клуб на феудалната фамилија е работа на немоќ и безидејност. И се коси со било кои новинарски стандарди, норми и морал.
За жал по Силекс, дојдено е времето на „новото нормално” на кое ќе треба да се привикнат, односно време каде нема нарачки на подобни судии кои треба да го обезбедат резултатот што спортски не можат и не заслужуваат да го постигнат.
Како што беше случај есеноска кога на Арената ни дадоа гол од офсајд во 95-та минута кој беше поништен, а потоа по долги „консултации” беше признат. Вардар тогаш не плачеше, се сврте кон себе и кон решавање на своите проблеми. Плачењето им го остави на размрсулавените плачковци.
Фактите кажуваат дека ФК Вардар вчера имаше посед на топка од 75%, 15 шута од кои 8 во рамките на голот и 6 стонастотни шанси. Нашите противници Силекс од Кратово, предводени од луѓе што го финансираат клубот од фиксирање натпревари, и кои своевремено го испаднаа Пелистер од првата лига, немаа ниту еден удар во рамките на нашиот гол.
Единствената грешка што вчера ја направи нашата екипа е што не му даде 3-4 гола на Мали Ѕинго. Затоа со душа ја чекаме средбата што меѓу нас и нив ќе се одигра во третиот круг од прволигашкото натпреварување, каде на терен ќе се покаже кој е кој“, стои во соопштението на Вардар.